Пешиќ се потсети како беше прегазен во салата на Работнички кога ја предводеше Германија!

Репрезентацијата на Србија со голем напор и со победнички поен од слободно фрлање на 2,8 секунди до крајот, синоќа, ја совлада Летонија (101-100) на стартот од квалификациите за СП 2023, по што селекторот Светислав Пешиќ не само што го анализираше триумфот, туку и го најави задутрешното гостување кај Белгија.

Легендарниот српски стратег потенцира дека тоа ќе биде тежок натпревар, пред се зашто ќе се игра во мала сала со капацитет од 3.000 гледачи, која веќе е распродадена и во која се очекува голем притисок. Поради тоа, популарниот Кари се потсети на историскиот меч кој поранешна СФР Југославија го одигра против Германија во Скопје во склоп на квалификациите за ЕП 1991, кога тој седеше на клупата на „панцирите“.

„Против Белгија ќе биде тежок меч, играме во сала која собира 3.000 гледачи, каде што ќе има голем притисок од трибините. Тие намерно ја избраа, како што и ние правевме во поранешната заедничка држава, кога игравме во мали сали, како таа на Работнички. Таму играв како селектор на Германија и не знаевме каде ни е задникот, а каде ни е главата. Сега другите учат од нас и ни ги прават истите работи“, изјави Пешиќ.

Средбата на која потсетува српскиот стратег се одигра во 1990 година во „Градски парк“, кога тогашна СФРЈ ја прегази Германија (120-87) настапувајќи во состав во кој беа легенди како Тони Кукоч, Жељко Обрадовиќ, Предраг Даниловиќ, Жарко Паспаљ, Комазец, Савиќ, Чурчиќ, Пецарски, Перасовиќ и Павичевиќ. Тоа беше можеби најпосетениот натпревар во 50-годишната историја на овој објект, кога внатре имаше најмалку двојно повеќе кошаркарски вљубеници од капацитетот на салата.