Николиќ: Голема победа, која ја заслуживме и многу порано!

Драган Николиќ во шестиот меч како тренер на МЗТ Скопје во АБА-лигата, конечно, дојде до првата победа, поради што беше максимално расположен по средбата, со оглед што барем малку се зголемија шансите на аеродромци за опстанок во јадранската елита.

Тој воедно потенцира дека неговото сефте можело да дојде и многу порано, алудирајќи на несреќниот пораз кај Цибона по продолжение.

„Ја заслуживме оваа победа и порано, знаете на кој меч алудирам, но тогаш немавме среќа. Се надевам дека со овој триумф ќе ни се зголеми самодовербата и дека е крај на нашите слаби натпревари, но и на проблемите со повредите. Победивме силен ривал, многу ја ценам работата на мојот колега Големац. Секогаш ги посветувам победите на некого, па оваа победа ја посветувам на сите оние кои ми дадоа поддршка од првиот ден кога дојдов во клубот. Го гледавме автоскаутинг од минатиот меч кај СЦ Дерби и буквално сите се срамевме. Играчите знаеја што треба да променат, затоа што она не личеше ниту на јуниорска екипа, камоли на АБА-лигаш. Се променија многу работи на подобро и сите можеа да го видат тоа“, истакна Николиќ.

Следна можност за прва гостинска победа, кошаркарите на МЗТ ќе ја имаат веќе в петок и тоа против Морнар во Бар.