Незаборавно: Пред 12 години беше постигната најспектакуларната тројка во регионот (ВИДЕО)

На денешен ден, пред точно 12 години, кошаркарот на Партизан, Душан Кецман, ја постигна можеби најспектакуларната тројка во регионот и тоа во финалето од АБА-лигата против Цибона.

Тоа беше меч пред 16.000 навивачи во Загреб, пред кои црно-белите дојдоа до четвртата по ред титула во јадранското натпреварување, на начин кој сѐ уште се раскажува. Претходно, сегашната ѕвезд ана Јута џез, Бојан Богдановиќ, на 0,6 секунди до крајот погоди тројка за водство на „цибоси“ (74-72) и кога веќе почна славјето на клупата на домаќинот, Кецман буквално од под својот кош очајнички ја фрли топката, која за среќа на сите навивачи на Партизан заврши во обрачот.

Неверицата кај сите во Цибона траеше долго, од овој тим бараа од судиите повторување на ситуацијата со оглед што на паркетот имаше многу неофицијални лица кои веќе ја славеа титулата на загрепчани, но ништо не беше променето. Тројката на Кецман беше призната и влезе директно во – историјата.