Несудениот македонски репрезентативец и разочаран и „смртно вљубен“ во – Партизан!

Српскиот интернационалец, Урош Луковиќ, кој во моментов игра за црногорски Морнар и кој на кошаркарската мапа се појави благодарение на настапите за екипите на Куманово и на МЗТ Скопје, смета дека е фер Партизан да биде прогласен за шампион и да игра во Евролигата следната сезона, ако поради коронавирусот не биде продолжено актуелното првенство во АБА-лигата.

Во разговор за весникот „Вечерњи новости“, високиот центар наглаасува дека ваквиот епилог би бил наполно заслужен, со оглед на тоа што се случуваше до прекинот.

„Ако не биде можно лигата нормално да продолжи и да се доигра, тогаш дефинитивно би било фер Партизан да биде новиот првак, а со тоа и претставник на регионот во најсилното клупско натпреварување во Европа“, е мислењето на Луковиќ.

Поранешниот миленик на „Фемили“ и на „Кумани“, кој пред пет-шест години беше на мал чекор до добивање македонски пасош, а со тоа и право на настан за нашата национална селекција, потврдува дека црно-белите се неговата најголема љубов, иако пред неколку сезони го избркаа од клубот.

„Партизан го сакам од своите први денови. Мојот татко Љубисав (поранешен тренер на Куманово – н.з.) беше помошник на Душко Вујошевиќ и најверојатна неговата љубов само се пренела на мене, мојот брат Марко (поранешен играч на МЗТ – н.з.) и на сестрата Бранка (екс-кошаркарка на Бадел 1862 – н.з.), исто како и љубовта кон кошарката. Веднаш би се вратил ако ме викнат, тоа е посилно од сѐ. Играв во црно-белиот дрес во сезоната 2016/17, имав договор на две години, но за време на летото ми кажаа дека за мене повеќе нема место во нивниот тим. Тоа ептен ме погоди. Потоа потпишав за Морнар и не случајно своите најдобри игри редовно ги прикажувам токму против Партизан. Мислам дека погрешија што ме избркаа“, објаснува високиот центар.

Луковиќ првпат во Македонија дојде веќе далечната 2011 година, кога потпиша за Куманово, за кој играше до 2015 година со куси епизоди во естонски Тарту и тимот на Кожув. Пред стартот на 2016 година направи трансфер во МЗТ Скопје, со кој дојде до двојната круна, по што премина во Партизан.