МЗТ и Работнички првпат ќе „војуваат“ надвор од Македонија и тоа во – Бања Лука!

Вториот затворен турнир од сезоната во АБА2-лигата ќе се одигра во Бања Лука, во организација на екипата на Борац од овој град, како и на Игокеа, која игра во јадранската елита и тоа во јануари следната година, пишуваат вечерва босанските медиуми.

Ова значи дека во главниот град на Република Српска ќе се одигра и дуелот помеѓу Работнички и МЗТ Скопје, кои според распоредот ќе треба да ги одмерат силите во 8. коло од ова регионално натпреварување. Тоа би било прв официјален натпревар на македонските вечни ривали надвор од државата, кој ќе биде од големо значење и за двата тима во борбата за што е можно повисок пласман во пресрет на плејофот.

Првиот турнир се одржа минатиот месец на Златибор (Србија) каде што МЗТ оствари три победи со еден пораз, додека Работнички имаше половичен учинок од две победи и исто толку порази. Сезонава во АБА2 ќе се игра еднокружно поради пандемијата со коронавирусот, а по одиграните 13 кола во доигрувањето ќе се пласираат најдобрите осум тима, кои потоа ќе го продолжат патот до големото финале.

Крајниот победник директно ќе се пласира во Првата АБА-лига, додека поразениот во финалето ќе добие шанса да одигра бараж-дуел со претпоследниот на табелата на крајот од елитното јадранско натпреварување.