
„Нашиот дом во Белград е отворен за семејствата на повредените од пожарот во Кочани!“
Популарниот Гаги, кој исто така има македонско потекло и македонски пасош, денешниот ден го мина во болниците каде што се наоѓаат жртвите од ужасната несреќа, која досега однесе 59 животи, а повеќе од 150 лица се повредени.
„Не можеме да се смириме од ужасот во Кочани. Македонија е татковина на Марија, а е и моја дедовина, поради што на сите настрадани во пожарот гледаме како на свои деца. Ова е незамисливо, нешто што не смее да се случи во модерниот свет. Денеска ги искористив сите конекции меѓу медицинските лица по белградските болници за да дојдат до информации за примените на лекување. Во следниот период ќе се обидам да стапам во контакт со најблиските на жртвите, со цел да им понудам помош. Нашиот дом е отворен за сите на кои им треба сместување во Белград за да бидат во близина на саканите кои се на лекување. Се молиме за здравјето на сите повредени, со верба во лекарите дека ќе излезат како победници од сите битки, без разлика на тежината на повредите“, ни изјави Николиќ од Белград.
Неговата сопруга Марија е долгогодишна македонска репрезентативка и една од најголемите ѕвезди на женската кошарка кај нас.
„Тука сме да помогнеме за било што. Апелирам до сите што се во Белград да бидат до повредените во ужасната несреќа да не побараат за било што. Достапни сме во текот на сите 24 часа на телефоните +381638773388 (Марија) и +38163304567“, дополнува Марија.
Во моментов во српските болници се наоѓаат дваесетина македонски државјани, жртви во пожарот во Кочани, меѓу кои има и повеќемина кои се во тешка здравствена состојба.