На Ц. Звезда ѝ беше признат кош по истек на времето и тоа со – додатно слободно (ВИДЕО)

Кошаркарските вљубеници во регионот вечерва можеа да видат ептен контраверзна судиска одлука на вториот полуфинален плејоф-меч помеѓу Цедевита Олимпија и Црвена звезда, кога на крајот од регуларниот дел од мечот на гостите од Белград им беше признат кош по истек на времето, кои згора на тоа добија и дополнително слободно фрлање.

Црвено-белите имаа неколку секунди за реализација при водство на домаќинот со три поени разлика (73-76), по што Никола Ивановиќ имаше шут надвор од баланс за тројка, кој едвај заврши во обрачот. Следуваше офанзивен скок на Митровиќ, кој потоа ја уфрли топката во кошот по што се слушна свирчето на судиите. Следуваше прецизен шут за еден поен за дополнителни пет минути, што и немаше да биде спорно да не се гледа убаво дека поените на белграѓани се постигнати „дебело“ откако измина времето.

Делителите на (не)правдата по прегледување на ситуацијата решија да го признаат кошот, но ниту ваквата, според многумина, дрска кражба не беше доволна Ц. Звезда да победи. Цедевита Олимпија подобро се снајде во продолжението и славеше со 88-80, со што се изборија за „мајсторка“ која ќе се игра во Белград.