МЗТ со убедлив пораз во Суботица стави крај на сонот за враќање во АБА!

Кошаркарите на МЗТ Скопје го завршија настапот во АБА2 лигата сезонава, откако вечерва вторпат по ред загубија од Спартак Суботица (64-98) во полуфиналето од плејофот во дуел во кој беа инфериорни како можеби никогаш досега во ова натпреварување.

Српскиот тим одигра перфектно, средбата ја почна со неверојатни 8/10 за тројка, со многу брзи контранапади и користење на секоја најмала грешка на македонскиот шампион. Тоа најмногу дојде до израз во втората четвртина, која домаќинот ја доби со огромни 32-12 и го најави крајниот епилог. До крајот се беше рутина и шанса за суботичани да покажат дека заслужено го имаат епитетот најголем фаворит за влез во АБА.

Ејасу Ворку со 14 поени и Харис Делалиќ со 10 поени беа единствени со двоцифрен поентерски учинок кај скопјани додека кај противникот дури петмина имаа ваков ефект.

Спартак Суботица во големото финале за влез во јадранската елита ќе ги одмери силите со Војводина. Пласман во АБА ќе обезбеди само подобриот во вкупната кош разлика во двата меча.