Македонскиот шампион МЗТ Скопје направи голем чекор кон пласманот во полуфиналето од АБА 2 лигата откако вечерва на домашен терен оствари добар резултат против Широки.

Тимот од Аеродром славеше со 85-69 во првиот четвртфинален меч, па со оглед на тоа што се игра на подобар кош-количник, идната среда во БиХ ќе треба само да ја одбрани оваа разлика. Одлучувачко за триумфот беше одличното второ полувреме во кое МЗТ Скопје одигра фантастична одбрана и на противниот му дозволи само 28 поени за 20 минути.

Во првото полувреме, темпото го диктираше гостинскиот тим кој имаше 13-8, подоцна 25-18, а највисоката предност изнесуваше +10 (32-22). На голем одмор се замина со 41-37 за Широки, но главното допрва почнуваше. МЗТ Скопје го отвори второто полувреме со серија од 9-0 за 46-41, на средината од третиот квартал водеше со 54-45 за потоа Широки да се врати на само еден поен негатива (60-61). Следуваше клучната серија на МЗТ Скопје од 21-7 за водство од 82-67 кое се покажа доволно за победа, но и како добра основа за реваншот во Широки Брег идната недела.

Ветеранот Војдан Стојановски повторно беше двигател на играта на МЗТ Скопје и постигна 21 поен, вклучувајќи ја тројката со истекот на времето за конечни +16. Делалиќ додаде 17, а Танасковиќ 16 поени со 7 скока.