МЗТ Скопје ќе „полага“ три испити во шест дена на втората сесија од АБА2 во Бања Лука!

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ќе го „полагаат“ првиот од трите испити кои ги очекуваат на вториот турнир во АБА2-лигата, што ќе се игра во Бања Лука и тоа против словенечкиот претставник Хелиос (21 часот).

Аеродромци во главниот град на Република Српска бркаат преодни оценки, кои им се неопходно да дојдат до доволниот број „кредити“ за уште од сега да го обезбедат пласманот во плејофот, но и да најават борба за највисок пласман во ова регионално натпреварување. Тие веќе неколку дена се во БиХ, каде што се запознаваат со условите за работа, а добра вест е што и второто тестирање направено при пристигнувањето во хотелот покажало дека ниту еден од составот на „металците“ не е позитивен на коронавирусот.

Тренерот Ѓорѓи Кочов во Бања Лука ќе може да смета и на Андрија Бојиќ, кој две недели е надвор од стројот токму поради фактот што беше заразен со Ковид-19, а единствен кој ќе недостасува е подолго време повредениот Андреј Маслинко. МЗТ по првиот турнир на Златибор е второпласиран на табелата со три победи и еден пораз, што со прави им дава надеж на кошаркарите на овој тим дека со максимален учинок во следната недела ќе може да се етаблираат можеби и како еден од најголемите кандидати за првото место, а со тоа и за пласман во АБА.

По Хелиос, следни противници на тимот од „Јане Сандански“ се Слобода Ужице (петок) и Студентски центар (недела), што ќе биде најголемото дерби во АБА2, со оглед што овој тим, кој е филијала на Будуќност, е единствен досега непоразен во оваа конкуренција. Синоќа својата средбата требаше да ја одигра и Работнички и тоа против Спарс, но центарци не отпатуваа за Бања Лука поради четворица позитивни на коронавирусот, поради што загубија со службени 0-20.

Засега има мали шанси центарци дополнително да отпатуваат за БиХ и со „крпен“ состав да ги одиграат преостанатите две средби против Горица (четврток), односно Златибор (недела).