Кошаркарите на МЗТ Скопје лесно и убедливо загуби на вечерашното гостување кај Борац Чачак (84-105), директниот ривал за избегнување на последното место по што за опстанок во АБА-лигата ќе им биде потребно чудо.

Аеродромци добро го почнаа мечот, ги постигнаа првите пет поени, а резултатски се држеа во игра до 3,33 минути до крајот на првата четвртина, кога последен пат го имаа водството (17-16). Тогаш почна потопот на македонскиот шампион, прво со 11 поени во низа на домаќинот кои почнаа со непотребна неспортска лична грешка на Кеандре Кук, а потоа и со вкупна серија 25-7 со која противникот дојде до огромни плус 17 (41-24) кон средина на вториот период. Тоа беше најава на дебаклот на тимот предводен од тренерот Драган Николиќ, кој пред крајот на полувремето беше во негатива и од 24 поени (29-53), која уште во тие моменти покажа дека бодовите ќе останат во Чачак.

Сино-белите во продолжението заиграа далеку подобро во нападот, за што говорат и 30 постигнати поени во третата четвртина, но одбраната остана шуплива како швајцарско сирење бидејќи и примија исто толку кошеви. Колку и да се обидуваа, кошаркарите од Аеродром не ја намалија предноста на Борац на разлика која би им дала надеж за да нападнат некој сензационален пресврт, па лошиот крај беше неминовен.

Кук со 20 поени и шест скока беше најефикасен кај составот од „Јане Сандански“, Страхиња Миќовиќ додаде 18 поени со шест скока, додека Војдан Стојановски постигна 13 поени. Американецот Хантер Хејл со 22 поени беше најзаслужен за триумфот на тимот од Чачак.

МЗТ Скопје останува последен на табелата со скор 4-19, додека Борац е на 6-17, со предност во меѓусебните дуели со македонскиот тим, која значи подобар пласман во случај на ист број бодови. До крајот на регуларниот дел од сезоната остануваат уште три кола.