Приморска грчевито се бори: МЗТ Скопје останува на стенд-бај за промоција во АБА!

Без разлика на претпладневните најави на црногорските медиуми дека МЗТ Скопје денеска официјално ќе биде промовиран во член на АБА-лигата, такво нешто не се случи на Собранието на регионалното натпреварување, кое предмалку заврши.

Луѓето од Копер Приморска, екипата чие место би требало да го пополни македонскиот шампион, остануваат децидни на ставот дека и покрај финансиските проблеми, сепак, ќе соберат сили и ќе играат во јадранската елита следната сезона. Тие потенцираа дека во следните неколку дена ќе го средат проблемот со добивањето лиценца за играњето во словенечката Прва лига, што од оваа година е предуслов да се игра во АБА-лигата.

„Медиумите пишуваат невистинити работи. Без разлика на нашите финансиски проблеми, ние ќе го искористиме правото да играме во јадранската елита, што го заслуживме на теренот кога бевме најдобри во второлигашката конкуренција. Сето останато во моментов е шпекулација“, изјави на состанокот Горан Јагодник, спортскиот директор на Копер Приморска.

Членовите на Собранието на АБА, сепак, најавија одредени мерки преку кои би побарале одредени гаранции од словенечкиот тим дека ќе ја доигра сезоната, односно дека нема да им се случи тоа од минатата, кога финансиски колабираа на половина од првенството. Во Пропозициите за следната сезона ќе биде предвидено дека секој тим од двете лиги, што ја вклучува и Приморска, ќе мора, под полна материјална и кривична одговорност, да потпише гаранција дека ќе ја доигра сезоната без никакви финансиски турбуленции и драстични измени на полошо во играчкиот ростер.

Во спротивно, ако изјавата се потпише, но такво нешто, сепак, се случи, клубот ќе добиве петгодишна забрана за настап во било кое натпреварување на АБА, казна од 100.000 евра и тужба на суд за надополна на претрпената штета. Овој документ ќе биде доставен до сите екипи од АБА1 и АБА2 и ќе мора да биде вратен потпишан пред ждрепката за првите кола, закажана за средината од следниот месец.

Оваа одлука, меѓу редови, е донесена како своевиден притисок за Приморска, но и како поддршка за МЗТ Скопје, чија управа најдоцна до 15 јули би знаела на што е односно во кое јадранско натпреварување ќе игра овој клуб. Ако словенечкиот тим реши да преземе ризик да гарантира дека нема да има финансиски проблеми, тогаш тоа ќе значи крај на надежите на составот од Аеродром за административна промоција во повисок ранг.