МЗТ против Широки брка победа, ама и што поголема разлика!

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје вечерва од 20 часот ќе го одигра првиот четвртфинален натпревар од АБА2-лигата против Широки Бријег..

Поради тоа што од оваа сезона е променет системот на натпреварување во лигата, односно се игра по системот дома-гости и не на добиени натпревари туку на вкупна кош-разлика, на МЗТ му е потребна што поубедлива победа за мирен реванш за една недела.

Двете екипи се соочија пред повеќе од две недели, во последното коло од основниот дел на сезоната, а тогаш славеше босанскиот претставник кој ја донесе четвртата позиција на табелата.

МЗТ Скопје, сепак, на неколку меча оваа сезона покажа дека има квалитет за да се бори за највисок пласман, особено на оној меч против Војводина во Нови Сад кога го совлада еден од најдобрите тимови во лигата.

Тренерот Васко Атанасов не може да смета на искусниот центар Бојан Крстевски, но без сомнеж останатите кошаркари ќе го дадат максимум за подобар резултат во првата средба со Широки.

Управата на МЗТ Скопје реши влезот да биде слободен поради што се очекува арената „Јане Сандански“ да биде исполнета до последното место.