Кошаркарите на МЗТ Скопје не успеаја да ја продолжат мини-серијата од две победи на домашен терен во АБА, откако вечерва по голема борба до последниот звук на сирената загубија од Игокеа (78-84).

Тоа беше тврд натпревар со двоцифрен број промени на водството и изедначувања, што укажуваше дека победникот нема да биде познат се до самиот крај. Ниту еден од двата тима не зголеми на поголема разлика од пет-шест поени, се до финишот од третиот и почетокот на последниот период. Тогаш гостите од Александровац направија серија 12-0 со која негативата од четири поени (59-63) ја претворија во позитива од осум поени (71-63) за на 90 секунди до крајот таа да достигне и плус 11 (80-69) како најава на крајниот епилог. На аеродромци не им помогнаа ниту двете луди тројки на Дастин Вер, бидејќи гостинот и во двата наврати врати речиси на идентичен начин.

Клучно за падот на МЗТ Скопје беше лошиот шут за тројка по првата четвртина, во која погодија дури шест пати со три промашувања. Оттогаш, сино-белите само четири пати од 18 шута, што заедно со осумте промашени слободни фрлања и инфериорноста во играта под кошевите (23-30) резултира со непријатен пораз. Македонскиот шампион спушти и до минус два (78-80) на осум секунди до крајот, но немаше доволно време за чудо во „Јане Сандански“.

Страхиња Миќовиќ со 18 поени (4/4 за тројка) и осум скока беше најдобар кај МЗТ Скопје, додека зад него беа Вер со 17 поени и Војдан Стојановски со 15 поени. Стефан Ѓорѓевиќ со 19 поени беше најпрецизен кај Игокеа.

Тимот од Аеродром останува последен на табелата со скор 4-18 и сега се надева дека Мега МИС ќе може утре да го совлада Борац во Чачак за да им ги продолжи надежите за евентуален опстанок во АБА.