МЗТ и Работнички ќе играат еднокружно во АБА2, а ќе почнат со турнир на Златибор!

Кошаркарите на МЗТ Скопје и на Работнички новата сезона во АБА2-лигата ќе ја почнат на 9 ноември и тоа на турнир што ќе се одржи во српската општина Чајетина односно во планинскиот центар Златибор.

Според претходен договор на клубовите, ова второ по квалитет регионално натпреварување ќе се игра според еднокружен систем односно само 13 кола, додека потоа најдобрите осум тима ќе продолжат во плејоф. На првиот собир во Србија ќе се одиграат првите шест кола во период од 16 дена, а преостанатите седум најверојатно во јануари следната година на место кое дополнително ќе биде одреднео.

Пласман во доигрувањето ќе обезбедат осумте најдобри екипи по регуларниот дел, а засега постојат две опции за негово одигрување. Првата е исто така во „балон“ во место кое исто така дополнително ќе биде одредено и тоа во два меча на кош-разлика, додека втората е да се игра нормално, ако дозволи епидемиолошката состојба во регионот, односно дома-гости како и во претходните години и тоа на две победи до финалето односно на три победи во пресмектата за титулата во АБА2, а со тоа и пласман во најсилното натпреварување во регионот.

Ждрепката на двојките за првото коло, а со тоа и за сите 13 кола од регионалниот дел ќе биде дополнително одржана, по што ќе се знае дали македонските претставници ќе играат еден против друг на турнирот во Златибор. МЗТ Скопје долго време беше во игра да биде дел од Првата АБА-лига на местото на Копер Приморска, но словенечкиот тим во последен час обезбеди спонзор, а со тоа и услови да биде дел од најсилното кошаркарско првенство во регионот.