МЗТ и Пелистер поканети во АБА2, другите ќе мора – дебело да платат!

Актуелниот првак МЗТ Скопје и првопласираниот тим по регуларниот дел од првенството Пелистер, официјално добија покана да бидат дел од АБА2-лигата следната сезона, потврдија денеска од канцеларијата на регионалното натпреварување.

Тоа значи дека надежите на Работнички како лански учесник и на Еуро Никел како вицешампион паѓаат во вода, иако постои опција и тие да добијат можност да бидат дел од оваа лига. Но, тоа би било само со добивање специјална покана што се плаќа и тоа во износ од околу 50.000 евра, што е сериозна сума не само за овие два македонски тима. Повеќе детали за ова би се знаело по 2 август, кога е последен рок да пријавување на тимовите кои со пласман обезбедија место во АБА2 од шесте држави од поранешна СФР Југославија (по две од секоја).

Додека кај МЗТ нема дилеми дали ќе игра, со оглед што веќе и официјално испрати потврда на настапот, челниците на Пелистер до крајот на неделава ќе решат дали ќе ја прифатат поканата.

„Викендов ќе ја донесеме конечната одлука во врска со учеството во АБА2, но ако ја прифатиме поканата тогаш не се сомневам дека ќе играме важна улога во ова натпреварување. Презадоволна сум од својата и работата на моите најблиски соработници, како и на кошаркарите и стручниот штаб. Пред моето доаѓање, Пелистер беше просечен тим кој се бореше за пласман во Суперлигата, а по моето доаѓање, за само една година, успеавме да го донесеме пред портите на АБА 2 лигата“, ни изјави Мери Ковачевска, првиот човек на битолскиот прволигаш.

Засега нема официјална информација за начинот на кој ќе се игра АБА2 следната сезона, но речиси сигурно тоа ќе биде со еднокруќен систем и турнирски, како што беше и во минатиот шампионат. Најверојатно ќе настапат 16 екипи и тоа на три турнири со по пет кола, по што првите осум ќе играат плејоф. Пласман во АБА ќе обезбеди шампионот, а поразениот во големото финале ќе игра бараж со претпоследниот во јадранската елита.