Македонски тренер сакаше да напушти прес зашто му го сменија – името (ВИДЕО)

Македонскиот тренер на клупата на полскиот прволигаш Легија Варшава, Тане Спасев, имаше непријатно искуство на вчерашното гостувањето кај финскиот тим Катаја каде што прво загуби со 105-112, а потоа и беше изложен на катастрофални грешки со неговото име и функција.

Водителот на прес-конференцијата по натпреварот од ФИБА Еврокупот прво го смени неговото име со тоа на неговиот помошник, а го погреши и името на кошаркарот кој беше заедно со него да даде изјава. Потоа го деградира нарекувајќи го асистент-тренер што навистина го налути нашиот Спасев, кој тогаш тргна да ја напушти прес-салата без да даде изјава. Но, присутните новинари го замолија да остане и покрај грешките, по што тој професионално си ја изврши задачата.

 

 

Спасев е 42-годишен стратег чие име не е многу познато на македонската спортска јавност, разбирливо бидејќи кусо време работеше во нашата држава и тоа претежно во кошаркарски школи како Гусари, Јуниор и Панда баскет. Во 2011 година замина во Сирија, каде што работеше со кадетската селекција на оваа земја, по што работи како помошник во екипи како Турк Телеком, украински Кривбас и Асеко Гдинија. Во сезоната 2015/16 стана прв тренер на овој тим, а од 2017 година е на клупата на Легија.