
Костоски егзекутор - Пелистер го скрши малерот за македонските екипи
Откако вчера и завчера порази доживеаја ТФТ и МЗТ Скопје, битолчани денеска го совладаа словенечкиот Шенчур со 82-78, по продолжение. Можеа работата да ја завршат и во основните 40 минути бидејќи во третата четвртина водеа и со 12 поени разлика, а на 90 секунди пред крајот имаа 69-64.
Мала деконцентрација во клучните моменти му овозможи на Шенчур да израмни на 22 секунди пред крајот, а Костоски во последниот напад не успеа да погоди тројка за победа. Она што го испушти тогаш, ветеранот го донесе во финишот од продолжението. По водството на Шенчур од 78-76, Костоски погоди две тројки од голема далечина, во свој стил и му ја донесе победата на Пелистер.
Ако ѝ се верува на статистиката, Маслинко беше најефикасен со 22 поена, а Бернард додаде 12, но овие бројки треба да се земат со резерва поради грешките во записникот на официјалната интернет страница на АБА 2.
Триумфот на Пелистер е и прв воопшто за една македонска екипа на меѓународна сцена оваа сезона, сметајќи ги и Работнички и Феникс кои минатата недела учествуваа во квалификациите за ФИБА Еврокупот.