Блескав кам-бек на Сака: Паузираше три месеци, постигна гол по само седум минути (ВИДЕО)

Букајо Сака предизвика огромна еуфорија кај навивачите на Арсенал откако вечерва на блескав начин го означи својот кам-бек на фудбалските терени.

Англискиот репрезентативец беше во аут од крајот на декември поради тешка повреда, а се врати дури денеска, на дуелот против Фулам, во Премиер лигата. Во игра влезе во 66. минута, а веќе во 73. се запиша во листата на стрелци, носејќи му на Арсенал водство од 2-0.

 

 

Тоа беше негов десетти гол оваа сезона во сите натпреварувања, а шести во Премиер лигата. Враќањето на Сака е прекрасна вест за Арсенал пред двомечот со Реал во Лигата на шампионите, а особено поради денешната повреда на Габриел за кого најверојатно оваа сезона е завршена.

Фулам до крајот намали на 1-2, но Арсенал ги однесе трите важни бода со кои остана барем со теоретски шанси за титулата во Премиер лигата.

Нотингем Форест го совлада Манчестер Јунајтед со 1-0 и се зацврсти на третата позиција на табелата во Премиер лигата. Стрелец на единствениот гол беше Еланга уште во петтата минута кога го претрча цел терен за да го совлада Онана.