Кочов претпазлив: И во убедливиот триумф се уверивме колку опасна екипа е Спарс!

За секој спортист најтешко е да се одигра натпревар во кој резултатот воопшто не е важен, поради што тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, имаше тешка задача да ги мотивира своите избраниците пред вечерашниот дуел со Спарс, последен од регуларниот дел од АБА2.

Фактот што овие два тима в среда ја почнуваат полуфиналната плејоф-пресметка беше причината поради која гостите дојдоа без четворицата најдобри, додека сино-белите калкулираа со минутажата на најдобрите поединци. Но и покрај тоа, стратегот на „металците“ е задоволен од прикажаното, пред сѐ од убедливиот триумф, но и повторното уверување дека против себе ќе има опасен ривал.

„Одигравме натпревар без посебен набој и без никакво резултатско значење. Противникот дојде со четири играчи помалку, но за нас беше важно да победиме и да направиме еден добар 'тренинг' како подготовка за полуфиналето од плејофот против истиот ривал. Мислам дека успеавме во тоа. Спарс и без отсустните кошаркари покажа дека е опасна шутерска екипа, поради што очекувам тешка борба во доигрувањето“, изјави Кочов.

Полуфиналната плејоф-серија се игра во две победи, првиот меч в среда е во Сараево, а реваншот следната недела (24 март) во „Јане Сандански“. Евентуалната „мајсторка“ ќе се одигра повторно во босанската престолнина на 28 март.