Кочов: Некој мора да собере храброст и да шутне кога треба!

Екипата на МЗТ Скопје, неочекувано, загуби во денешната пресметка со Слобода Ужице, што донесе огромна нервоза кај тренерот Ѓорѓи Кочов.

„Металците“ исто како и на претходниот меч против Хелиос одиграа многу лошо во второто полувреме.

„Не го потценивме противникот. Се подготвувавме максимално, но не одигравме на посакуваното ниво. Кога во едно полувреме ќе промашиш осум слободни фрлања, тоа е катастрофа. Противникот иако помлад, тие покажаа поголема храброст, земаа шутеви и погодуваа. На спротивната страна, план ни беше да напаѓаме на 'лоу-пост', тие се собираа, но некој мора да го земе тој шут од надвор, да ја преземе одговорноста. Кога требаше да се шутира, ние не шутиравме, потоа се влегуваше во импровизација и се случи тоа што се случи“, изјави Кочов.

Последниот меч за МЗТ Скопје на турнирот во Бања Лука е в недела против Студентски Центар.