Јадранска бизарност: Колумбиец ќе им суди на МЗТ Скопје и ТФТ во АБА2!
Како резултат на овој бојкот, регионалното натпреварување објави тотално променет и драстично скратен список од само 31 судија, кои ќе треба да го понесат целиот товар и да ја делат правдата и во првата и во втората дивизија. Најголемо изненадување на новата листа е присуството на судија кој воопшто не доаѓа од европскиот континент, Колумбиецот Карлос Хавиер Дуењас Урего, кој ја доби довербата да се проба на „Јадранот“ и кој потенцијално може да им суди на македонските претставници МЗТ Скопје и ТФТ во рамките на АБА 2 лигата.
Оваа драматична кампања донесе низа куриозитети кои веројатно ќе влијаат врз севкупниот квалитет на судењето. За првпат во историјата на регионалната кошарка, на судиската листа нема да има ниту еден арбитар од Србија и Хрватска. За да се пополни празнината, ангажирани се делители на правдата кои штотуку почнуваат интернационална кариера, како и арбитри од држави кои воопшто немаат свои клубови во АБА лигата. Покрај Колумбија, шанса добија и судии од Германија, Италија, Шведска, Полска и Бугарија.
Кризната ситуација, пак, донесе историски момент за македонската кошарка. Како директен епилог од штрајкот на досегашните арбитри, Македонија за првпат ќе има дури шестмина судии во регионалните АБА и АБА 2 натпреварувања. Довербата да ја претставуваат државата на балканските паркети во новата сезона ја добија Владимир Михајловиќ, Боро Антовски, Игор Темелков, Марио Маџоски, Петар Петровски и Стефан Ристовски.