Грција и Словенија меѓу кандидатите за организација на кошаркарското ЕП 2029!
Според соопштението на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), тоа се Естонија, Финска, Германија, Грција, Литванија, Холандија, Словенија и Шпанија.
„Фактот дека добивме осум официјални понуди за домаќинство на Евробаскет 2029 сведочи за огромното значење на Европското првенство. Федерациите го прифатија веќе добро воспоставениот формат со повеќе земји-домаќини, не само како начин за огромен раст на самото натпреварување, туку и како поттик за развој на спортот низ секој агол на континентот“, изјави извршниот директор за ФИБА Европа, Камил Новак.
ФИБА најави дека имињата на четирите земји-домаќини ќе бидат објавени во мај 2025 година. Од осумте кандидати, Естонија и Холандија се единствените кои никогаш не биле домаќини на Евробаскет, додека Финска се стреми да стане првата земја што ќе коорганизира две последователни Европски првенства.
Инаку, Европското првенство 2025 година ќе се одржи во Финска, Летонија, Полска и Кипар, а елиминациската фаза, почнувајќи од осминафиналето, ќе се игра во главниот град на Летонија, Рига.