Големиот Обрадовиќ ќе се расплачеше по тешкиот пораз од Бурсаспор (ВИДЕО)

Партизан важеше за голем фаворит за триумф во Еврокупот, но неочекувано испадна уште во првата нокаут фаза и тоа на домашен терен од Бурсаспор (95-103) што предизвика огромно разочарување кај тренерот, Жељко Обрадовиќ.

Легендарниот стратег скоро и да се расплака на прес-конференцијата по мечот, пред се поради начинот на кој неговиот тим загуби, а имаше предност од пет поени (84-79) на 14 секунди до крајот.

„Ја преземам целата одговорност за поразот, секако поврзано со случувањата на теренот. Не сакам да навлегувам во детали како требаше да одиграме, иако мислам дека моравме многу лесно да го финишираме дуелот и да победиме. За се што се случуваше јас сум виновен. Тоа е нормално, бидејќи сум најискусен и сум минал низ многу работи во кариерата. Паметниот учи на грешки, кои се составен дел на ова со што се занимаваме. Но, некои работи не се грешка“; изјави Обрадовиќ.

Партизан погоди две слободни на 14 секунди до крајот (84-79), по што гостите брзо реализираа, а клучен беше прекршокот во напад на црно-белите при изведување по што следуваше тројка за изедначување на Турците. Домаќинот имаше седум секунди за последниот напад, но не го реализира, по што целосно падна во продолжението.