Филиповски по поразот од Ц. Звезда: Ќе се затворам и два дена ќе – плачам!

Екипата на Партизан остана без пласман во финалето од српскиот Куп Радивоје Кораќ, откако синоќа, по голема борба, минимално загуби од најголемиот ривал Црвена звезда (78-79), што донесе огромно разочарување кај тренерот со македонско потекло, Саша Филиповски.

Црно-белите беа подобар тим во најголемиот дел од мечот, во неколку наврати имаа и двоцифрена предност, но паднаа во финишот и тоа во пенал-завршницата во која противникот подобро се снајде.

„Жал ми е поради кошаркарите, кои испочитуваа сѐ што договоривме. Поразот боли, но животот тече понатаму. Ќе се затвориме и ќе плачеме два дена, но потоа ќе ѝ се вратиме на работата и ќе се обидеме да ја искористиме паузата за да напредуваме како екипа. Одиме чекор по чекор и ќе сториме сѐ да дојдеме до посакуваните цели во сите натпреварувања“, изјави Филиповски.

Црвена звезда во денешното големо финале ќе ги одмери силите со Мега Сокербет.