Кошаркарите на МЗТ Скопје се пласираа во финалето од АБА2-лигата, откако попладнево, со подобра игра во текот на сите 40 минути, вторпат по ред во полуфиналната плејоф-серија го совладаа тимот на Спарс со 84-70.

Тимската игра и фанатичната агресивност во одбраната беа клучните елементи, кои на сино-белите им ја донесоа посакуваната победа. Аеродромци имаа поголем број асистенции од противникот (21-12), многу помалку загубени (5-14), како и дури девет украдени топки, што заедно со солидниот шут за два и три поени и речиси максималната прецизност во ударите од линијата за слободни фрлања (17/19) го донесоа и тоа како посакуваниот епилог на крајот.

Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов од самиот старт покажаа исклучителна решителност за победа, за што најдобро говори водството 11-2 по само три минути игра. Ова им овозможи мирна игра со која разликата беше умешно одржувана, за пред самиот крај на првото полувреме таа првпат да биде изразена со двоцифрен број поени (41-31). Но, следуваа две брзи тројки на гостите од Сараево, колку работите да бидат подраматични во вториот дел од натпреварот.

Гранитната одбрана најмногу дојде до израз на стартот од третата четвртина, кога МЗТ Скопје со осум поени во низа дојде до највисоката предност дотогаш од плус 12 (49-37). На тимот од „Јане Сандански“ ова му донесе можност за поголема ротација и спуштање на ритамот со цел поодморен да влзе во финишот, со оглед што беше јасно дека младите кошаркари на Спарс немаат намера да се предадат без разлика на негативата која ја имаа во тој момент.

Составот од БиХ држеше каков-таков приклучок сѐ до средината на последниот дел од играта, кога Лестер Медфорд и Дамјан Стојановски со серија поени во низа зголемија на 80-65, предност која се покажа како недостижна за цврстиот ривал.

Иве Иванов беше најефикасен во тимот од „Јане Сандаски“ со 24 поени, осум скока и четири асистенции, додека веднаш зад него беше Дамјан Стојановски, кој средбата ја заврши со 19 поени и три скока. Лестер Медфорд средбата ја заврши со 14 поени и девет асистенции додека Андрија Бојиќ постигна 10 поени.

Во битката за епитетот најдобар тим во АБА2, а со тоа и за влез во елитната јадранска конкуренција, кошаркарите од Аеродром ќе се борат против подобриот од полуфиналната серија помеѓу словенечка Приморска и Борац од Чачак (1-0). Финалето почнува на 1 април.