Кошаркарите на МЗТ Скопје на драматичен начин загубија на вечерашното гостување кај Хелиос Домжале (76-78) во првиот меч од 7. коло од АБА2-лигата, најмногу поради фантастичниот шутерски ден на противникот, кој средбата ја заврши со дури 13 постигнати тројки од само 26 обиди.

Клучна за поразот на аеродромци беше третата четвртина, која противникот ја доби со двоцифрена разлика (22-11), со која првпат посериозно се одлепи по изедначеното прво полувреме во кое екипите во двата период постигнаа по ист број поени (24-24, 19-19). Кошот на стартот од последните десет минути на Словенците им ја донесе највисоката предност на мечот од плус 13 (67-54), со што го најавија крајниот епилог.

Тоа како да ги подразбуди избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов, кои во следните три минути заиграа подобро во одбраната и вратија со 11 поени во низа за намалување на само два поени негатива (65-67) и за максимално неизвесна завршница. Но, домашните кошаркари одговорија со најсилното оружје вечерва и со две тројки по ред повторно се одлепија на плус шест (73-67).

Тогаш на сцена стапи Американецот Џабари Хиндс, кој во следните неколку минути имаше симултанка и со две тројки и уште едно слободно фрлање сам направи серија 7-0 со која МЗТ Скопје првпат во второто полувреме дојде до водство (74-73). Во тој период, македонскиот шампион пропушти уште неколку напади дополнително да се одлепи, по што противникот повторно дојде до водство (75-74).

Следуваа по еден кош на двете страни, по што составот од Аеродром го имаше последниот напад на 29 секунди до крајот. Но, Хиндс овој пат не успеа да поентира, што беше крај на сите надежи со оглед што потоа, на пет секунди до крајот, Марко Симоновски направи неспортска лична грешка, што беше знак за радост на клупата на словенечкиот тим.

Хиндс со 29 поени беше најпрецизен кај „металците“, а двоцифрен ефект имаше уште и Дамјан Стојановски со 15 поени. Кај Хелиос најдобар беше Давор Коњевиќ, кој постигна 24 поени со шест тројки.

МЗТ Скопје сега има учинок 5-2 во пресрет на пресметката против Широки, закажана за следниот четврток во салата „Јане Сандански“.