Баерн не се откажува од Кејн - подготвен е новиот договор

Хари Кејн е пред продолжување на соработката со Баерн Минхен. Англискиот напаѓач и германскиот шампион постигнале принципиелен договор за нов договор со кој неговиот престој на „Алијанц Арена“ би бил продолжен до 2029 година.

Преговорите меѓу двете страни се во завршна фаза, а преостанува да бидат усогласени последните детали пред официјалното потпишување. Засега нема одреден точен датум за потпис, но во Баерн владее голем оптимизам дека договорот наскоро ќе биде финализиран.

Актуелниот договор на Кејн со баварскиот гигант е со важност до летото 2027 година, но англискиот репрезентативец никогаш не криеше дека сака да остане во Минхен. Тој во август 2023 година пристигна од Тотенхем за сума од околу 100 милиони евра и веднаш се наметна како главна фигура во нападот на Баерн. За само три сезони, Кејн постигна неверојатни 152 гола и запиша 34 асистенции на 154 официјални натпревари за германскиот клуб. Во тој период освои две титули во Бундеслигата, Купот на Германија и два Суперкупа на Германија. Дополнително, во секоја од трите сезони беше најдобар стрелец во Бундеслигата.

Кејн неодамна јасно стави до знаење дека е задоволен од животот во Минхен и дека желбата за враќање во Премиерлигата повеќе не е толку силна како во минатото. Тој во Баерн гледа средина во која може да продолжи да се бори за најголемите трофеи. Продолжувањето на договорот би било значаен потег за Баерн, кој сака долгорочно да го задржи еден од најдобрите голгетери во Европа. Кејн, пак, со новиот договор би останал во клубот до својата 36-та година.

Англичанецот воедно е меѓу главните кандидати за „Златната топка“ за 2026 година, по уште една исклучително ефикасна сезона. Неговата иднина во Минхен сега изгледа речиси решена, а останува само официјално да се стави потпис на договорот.