Дончиќ не се плаши од „Ѕверот Јанис“: Не си одиме од Атина без олимписка виза!

Кошаркарската репрезентација на Словенија потешко од очекувањата дојде до полуфиналето на предолимпискиот турнир во Атина, каде што ги очекува најтешкиот противник – домаќинот Грција.

„Виновник“ за ова е селекцијата на Хрватска, која на стартот ги изненади своите соседи и им „обезбеди“ дуел со Јанис Адетокумпо и неговите соиграчи. Најдобриот словенечки кошаркар, Лука Дончиќ, вели дека не се плаши од „Ѕверот Јанис“ и дека верува во добар резултат на овој натпревар.

„Ги разочаравме навивачите во Словенија со поразот од Хрватска, но им ја вративме насмевка против Нов Зеланд. Сега следуваат натпреварите со одлука, право на грешка повеќе не постои, секако ако сакаме, а сакаме да стигнеме до Олимписките игри. Подготвени сме за нокаут фазата“, изјави Дончиќ.

Тој во продолжение проговори за следниот противник.

„Грција има одличен тим, таа не е само Јанис. Згора на тоа ќе има голема поддршка од навивачите, но ќе повторам - дојдовме во Атина за да избориме место во Париз. Затоа, целта против Грција е јасна. Мораме да бидеме на исклучително високо ниво од почеток до крај“, дополни ѕвездата на Далас маверикс.

Пресметката помеѓу Грција и Словенија ќе се одигра утре од 16.30 часот, додека потоа на паркетот во салата „Мир и пријателство“ во Атина ќе излезат кошаркарите на Хрватска и на Доминиканска република.