Беше втор пик на драфтот, шампион во НБА, а сега ќе игра за - четвртолигаш во Србија! (ВИДЕО)

Некогашната голема надеж на европската кошарка и втор пик на драфтот во НБА, Дарко Миличиќ, по неколкугодишно отсуство од терените и експериментирањето со борбите во кикбокс реши да ѝ се врати на својата најголема љубов и тоа во тим кој настапува во четвртиот ранг на натпреварување во Србија.

Според информациите од северот, некогашниот талентиран центар се обидел да се лиценцира за екипата „Ај кејм ту плеј“ од Нови Сад, која ќе игра во Втората регионална лига – Север. Засега овој трансфер не е реализиран бидејќи се чека сертификат од неговиот последен клуб, а кој е големиот Бостон селтикс од НБА и тоа пред седум години.

Миличиќ, кој има 34 години, кариерата ја почна во Хемофарм, а откако во 2003 година беше втор избор на драфтот настапуваше во најсилната лига на светот за екипите на Детроит (стана шампион со овој тим), Орландо, Мемфис, Њујорк, Минесота и Бостон. Експериментот во кикбокс му беше во 2014 година, кога имаше една професионална борба која ја загуби со технички нокаут во втората рунда.