Атанасов: Голема победа, но за реваншот ќе се подготвуваме како да почнуваме од нула!

Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Васко Атанасов, беше пресреќен по синоќешната убедлива победа над Широки (85-69) во првиот четврт-финален плејоф меч од АБА2, но и самиот е свесен дека работата сѐ уште не е завршена.

Тој задоволен од играта на своите избраници, особено што до големата позитива дојдоа без Ејасу Ворку, кој се повреди по само четири минути и без Бојан Крстевски, кој подолго време е во аут.

„Задоволен сум од играта, особено во второто полувреме во кое дојдовме до посакуваната разлика дури и без Ејасу Ворку (играше само четири минути) и Бојан Крстевски, кои беа повредени. Ништо од ова немаше да се случи без фанатичната поддршка од трибините, на што им се заблагодарувам на нашите навивачи. Предноста веќе ништо не ни значи, бидејќи за реваншот ќе се подготвуваме како да почнуваме од 0-0. Верувам во своите момци и мислам дека можеме да продолжиме во ваков ритам, секако со претходно одработување на задачата во македонското првенство“, изјави Атанасов.

Аеродромци пред вториот меч против Широки (следната среда) ќе мора да ги одмери силите со Гостивар и тоа в сабота (13 април) на домашен терен (18 часот) во вториот дуел од четврт-финалето од плејофот во Македонија, во кој водат со 1-0 и кој се игра до три победи. Доигрувањето во АБА2, пак, се игра во два меча по кои се гледа вкупниот кош-количник.