Аматеризам: Пелистер без Американците ќе проба да не се (из)бламира во АБА2!

Управата на Пелистер се покажа крајно аматерска со оглед што на завршниот турнир од АБА2 лигата во Домжале екипата тргна без двајцата американски кошаркари, Данте Карутерс и Кени Карпентер, кои морале да останат во Битола бидејќи не смееле да ја минат границата поради немање легална дозвола за престој во државата.

Обврска на секој спортски колектив во државата е странските кошаркари веднаш да ги пријават во МВР и во најкус можен рок да поднесат барање за привремен престој, што е долга и мачна процедура, која, сепак, мора да биде направена. Тоа не се случило за двајцата Американци во битолскиот тим, кои во меѓувреме ги надминале деновите дозволени за туристички престој (90) па се соочуваат со можна депортација во моментот кога ќе ја напуштат Македонија. Поради тоа, челниците на Пелистер решиле да не ризикуваат со Карутерс и Карпентер и да ги задржат за да го доиграат македонското првенство, за потоа да му ја мислат што ќе прават со неизбежното приведување на двајцата кошаркари, секако ако во меѓувреме не им биде обезбедена работната дозвола.

Отсуството на двајца од тројцата најефикасни кошаркари ќе значи дека шансите на Пелистер за евентуално изненадување на завршниот турнир во Домжале се сведени на чиста теорија, особено што за четвртфинален противник го имаат домаќинот и најголем фаворит за пласман во АБА, тимот на Домжале.