АБА го враќа стариот сјај: Шампионот повторно ќе добива пласман во Евролигата!
Ваква информација откри претседателот на Будуќност, Драган Бокан, кој тврди дека новиот модел би стапил на сила од сезоната 2027/28. Тој изјави дека АБА лигата е пред потпишување десетгодишен договор со Евролигата, според кој победникот на регионалната лига повторно би обезбедувал автоматски пласман во најсилното европско клупско натпреварување.
„Охрабрени од информациите што доаѓаат од Барселона, веќе подготвуваме буџет од околу седум милиони евра за следната сезона“, изјави првиот човек на Будуќност, алудирајќи на разговорите што се водат во раководството на Евролигата.
Иако засега нема официјална потврда од Евролигата, ваквото сценарио изгледа реално ако се земе предвид дека елитното натпреварување планира проширување на 24 клуба веќе од следната сезона, а до 2030 година бројот на учесници да порасне на 30. Враќањето на директната виза за шампионот на АБА би значело и враќање на натпреварувачката тежина на регионалната лига. Со укинувањето на овој принцип пред неколку години, АБА во голема мера ја загуби својата најголема спортска мотивација, бидејќи освојувањето на титулата повеќе не гарантираше место меѓу европската елита.
Доколку информациите на Бокан се покажат како точни, покрај трите клуба кои во моментов се гледаат како долгорочни „франшизи“ – Црвена звезда, Партизан и Дубаи – шампионот на АБА повторно би добивал директен билет за Евролигата. Тоа би претставувало значајна придобивка за сите клубови од регионот и дополнителен мотив во борбата за титулата во натпреварување во кое учествуваат екипи од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Австрија, Романија и Словачка.