За Дончиќ гласаа 1,6 милиони фанови, а тој нема да учествува на Ол стар натпреварот

Од утре до недела во Сан Франциско ќе се одржи Ол стар викендот, а на главниот натпревар, првпат по пауза од пет години, нема да учествува Лука Дончиќ.

Новиот играч на Лејкерс доби 1,6 милиони гласови од НБА фановите, но и покрај тоа нема да биде дел од мечот на сите ѕвезди. Тој дури не влезе ни како резерва по повредите на Јанис Адетокунбо и Ентони Дејвис кои се заменети од Тре Јанг и Кајри Ирвинг.

Дончиќ не влезе како стартер на Ол стар натпреварот, но имаше можност да го изберат НБА играчите или медиумите. Со оглед на тоа што во моментот на селекцијата тој беше тешко повреден и пропушти 22 натпревара поради повреда, сепак не успеа да обезбеди место што во овој случај и не е така лошо за него.

Место три дена во Сан Франциско, Дончиќ доби една недела за одмор од натпревари и шанса да се врати во посакуваната форма пред продолжението од сезоната. Првиот следен натпревар го има на 20 февруари, рано наутро по средноевропско време против Шарлот.