Трипл-дабл на Дончиќ, но Бостон го доби и вториот меч! (ВИДЕО)

Бостон поведе со 2-0 во финалната серија против Далас откако победи со 105-98, Лука Дончиќ беше најдобар на теренот постигнувајќи трипл-дабл учинок, но тоа не беше доволно за брејк.

Бостон максимално ги искористи воведните два меча од финалето кои ги играше на домашен терен. Остварени се два триумфи и тимот од истокот е на половина пат до големиот трофеј.

Далас водеше во најголемиот дел од првото полувреме, но ја загуби предноста во средината на втората четвртина и на одмор Бостон замина со предност од 54-51.

Највисоката предност домаќините ја имаа во последниот период, беше 103-89, тогаш Далас почна да намалува, направи серија од 9-0, стигна до 103-98 за поинтересен финиш на мечот, но не успеа да направи луд пресврт. Конечниот резултат беше 105-98.

Лука Дончиќ кој беше неизвесен за мечот, одигра повеќе од 42 минути за кои постигна 32 поени, имаше 11 скокови и 11 асистенции. Ирвинг беше на половина од поентерскиот учинок на Словенецот, постигна 16 поени.

Најдобар во составот на Бостон беше Холидеј со 26 поени, имаше и 11 скокови, Браун реализираше 21 поен, а Тејтум 18 поени и 12 асистенции.

Финалната серија сега се сели во Далас каде се играат наредните два меча.