Срамен пораз на Лејкерс, бесниот Дончиќ турна ривал и му се пушти на судијата (ВИДЕО)

Кошаркарите на ЛА Лејкерс го претрпеа најтешкиот пораз оваа сезона, откако Чикаго Булс ги декласираше на нивни терен со 146-115.

Домаќинот на полувреме заостануваше само три поени, но следеше целосен пад во продолжението, што ѝ овозможи на екипата на Чикаго да ја преземе контролата. Гостите почнаа да ја зголемуваат предноста во третата четвртина, а во последниот период целосно го скршија отпорот на Лејкерси, осигурувајќи убедлива победа. Лука Дончиќ имаше солидна партија со 34 поени, осум скокови и шест асистенции, но тоа не беше доволно за да се спречи катастрофата. Ни враќањето на Леброн Џејмс не помогна – тој го заврши натпреварот со 17 поени, шест скокови и четири асистенции.

Во редовите на Булси, Коби Вајт беше најефикасен со 36 поени, додека младиот Матијас Бузелис блесна со 31 поен. Никола Вучевиќ оствари дабл-дабл учинок со 12 поени и 12 скокови, а Џош Гиди имаше клучна улога во организацијата на играта, забележувајќи трипл-дабл од 15 поени, 10 скокови и 17 асистенции.

Напнатоста на теренот беше очигледна, а Дончиќ, во момент на фрустрација, грубо го турна Гиди, што резултираше со неспортски фаул. Тој при тоа имаше вербален дуел со судијата, кој мораше да му додели и техничка грешка. Лејкерс со овој пораз пропушти можност да го претекне Денвер на табелата, кој поради повредата на Никола Јокиќ се соочува со пад во формата. Тимот од Лос Анџелес сега е четврти на Западот со скор 43-27, една победа и еден натпревар помалку од Нагетси.

Чикаго, пак, со триумфот го зацврсти деветтото место на Истокот (31-40) и е на добар пат да обезбеди место во плеј-ин турнирот, каде што ќе се обиде да избори пласман во плејофот.