Нова блескава партија на Србинот Јокиќ, шеста победа во низа за Јута (ВИДЕО)

Помалку невообичаено, само два меча беа одиграни ноќеска во НБА-лигата, во кои најголемо внимание привлече фантастичната партија на Никола Јокиќ, како и уште едниот триумф во низа на Јута Џез.

Екипата на Денвер нагетс славеше во пресметката со Оклахома сити тандерс (119-101), во меч кој беше решен уште по три четврти и во кој српскиот интернационалец блескаше со дабл-дабл ефект со 27 поени и 12 скока. Во редовите на Нагетси се истакна и Морис со 15 поени, додека кај поразениот тим најпрецизен беше Канаѓанецот Дорт со 20 поени.

„Џезерите“, пак, го совладаа Њу Орлеанс пеликанс (118-102), со што ја продолжија победничката серија во НБА лигата од шест натпревари во низа. Мичел со 28 и Кларксон со 18 поени беа најрасположениете поединци во таборот на Јута, додека прв поентер кај Њу Орлеанс беше Вилијамсон со 32 коша.