НБА ќе добие нов првак: Њујорк направи чудо какво што не е видено 25 години (ВИДЕО)

По четврт-век чекање, екипата на Њујорк Никс се врати на најголемата сцена, откако со убедлива победа во шестиот меч против шампионот Бостон селтикс (119-81) избори пласман во финалето на Источната конференција.

Ова е прво конференциско финале за Никс по далечната 2000 година, кога беа поразени токму од Индијана Пејсерс. Симболично, повторно за место во завршната битка за титула ќе се сретнат со истиот тим, кој во второто полуфинале ја елиминираше екипата на Кливленд Кавалирс. Во спектакуларна атмосфера во „Медисон Сквер Гарден“, избраниците на тренерот Том Тибодо доминираа во секој сегмент од играта. Сите носители на играта на Њујорк беа на висина на задачата: Џејлен Брансон и Оу Џи Ануноби постигнаа по 23 поени, Микал Бриџис уфрли 22, додека Карл-Ентони Таунс забележа дабл-дабл со 21 поен и 12 скокови. Џош Харт оствари трипл-дабл од 10 поени, 11 скокови и 11 асистенции, а и Мајлс Мекбрајд се приклучи со 10 поени.

Бостон, пак, без повредениот Џејсон Тејтум беше далеку од своето препознатливо ниво. Најефикасен кај Селтикс беше Џејлен Браун со 20 поени, додека Пејтон Причард и Ал Хорфорд додадоа 11, односно 10 поени. Ова значи дека НБА ќе добие нов шампион, бидејќи актуелниот Бостон ја заврши сезоната порано од очекуваното и тоа со тежок пораз.

Пласманот на Никс во финалето е огромен поттик за клубот и навивачите, кои со децении чекаа ваков успех. Последниот дуел во финалето на Истокот заврши со пораз од Индијана со 4-2, во ерата на Патрик Јуинг и Реџи Милер. Овојпат, Џејлен Брансон ќе има шанса за реванш против новата ѕвезда на Пејсерс – Тајриз Халибартон. Во регуларната сезона, двете екипи одиграа три натпревари – Никс победија двапати, додека Индијана славеше еднаш.

ФОТО: X / @nyknicks