Лудница во Милвоки: Повеќе од 100.000 навивачи ги поздравија шампионите (ВИДЕО)

Огромна толпа луѓе се најде на улиците на Милвоки, за да ги поздрават кошаркарите на Бакс, кои завчера ја освоија титулата во НБА-лигата и тоа првпат по пауза од 50 години, со неверојатен пресврт во финалето против Феникс санс.

„Елените“ ги загубија првите два меча, но потоа ги добија следните четири, поради што радоста беше дополнително поголема. Кошаркарите и членовите на клубот се најдоа во пет двоспратни автобуси, кои се движеа низ центарот на градот, а поворката заврши пред салата „Фисерв форум“ во која настапува Милвоки.

Прославата, секако не можеше да мине без инциденти, но тие беа далеку помали и побанални во однос на лани кога ЛА Лејкерс славеше титула. Најмногу настрадаа шестмина полицајци на коњи, кои паднаа на почетокот од колоната. Весело беше и за време на одигрување на шестиот меч, кога, според слободните проценки, повеќе од 100.000 луѓе се најдоа на улиците на овој град.