Лејкерс лесно ги скроти ослабените „воини“ - Леброн и Брони влегоа во историјата (ВИДЕО)

Кошаркарите на ЛА Лејкерс славеа на гостувањето кај Голден стејт вориорс (119-103), во меч кој ќе остане запаметен по историскиот момент во режија на татко и син – Леброн и Брони Џејмс.

Во првата четвртина се случи нешто што досега не било видено во НБА – Брони му асистираше на својот татко за атрактивно забивање, што е прва асистенција син-кон-татко во историјата на лигата. Само еден месец претходно, на меч против Бруклин Нетс, беше забележана и првата асистенција во обратна насока – од татко кон син. На паркетот доминираше токму Џејмс сениор, кој постигна 26 поени, надополнети со 11 асистенции и осум скока, со одличен шут од игра (11/17). Во својата 23. сезона, на 41-годишна возраст, тој накратко го напушти теренот поради повреда на раката, но брзо се врати во игра.

Одличен придонес за победата даде и Деандре Ејтон со 21 поен и пет скока, додека Џејк Ларавија додаде 16 поени, со што „езерџиите“ ставија крај на серијата од три порази. Домашниот тим настапи без својата прва ѕвезда, Стеф Кари, кој доби одмор поради густ распоред и проблеми со коленото. Во негово отсуство, најефикасни кај „воините“ беа Брендин Подзиемски и Нејт Вилијамс со по 17 поени, додека Чарлс Беси запиша дабл-дабл (12 поени, 13 скока).

Во вториот ноќешен дерби-дуел, кошаркарите на Њујорк никс го совладаа Бостон Селтикс (112-106) и останаа во трка за второто место во Источната конференција. Херој на вечерта беше Џош Харт, кој постигна 15 од своите 26 поени во последната четвртина, вклучувајќи две клучни тројки во самиот финиш. Џејлен Брансон додаде 25 поени и 10 асистенции. Со оваа победа, Никс (52-28) им се доближија на Селтикс (54-26) на само две победи разлика, а до крајот на регуларниот дел двете екипи имаат уште по два натпревари.

РЕЗУЛТАТИ: Торонто Репторс – Мајами Хит 128-114, Вашингтон Визардс – Чикаго Булс 108-119, Бруклин Нетс – Индијана Пејсерс 94-123, Њујорк Никс – Бостон Селтикс 112-106, Хјустон Рокетс – Филаделфија 76ерс 113-102, Голден Стејт Вориорс – Лос Анџелес Лејкерс 103-119.

ФОТО: X / @Lakers