Скандал со Роналдо во Саудиска Арабија – сака(л) на сила да ја грабне титулата!
Во центарот на вниманието се најдоа Ајван Тони и неговиот соиграч Галено, кои без задршка го искажаа своето незадоволство. Тони откри дека четвртиот судија Абдулрахман Ал-Султан наводно изговорил скандалозна реплика додека главниот арбитар проверувал спорна ситуација преку ВАР.
„Не знам дали го исклучи микрофонот, но ми рече: ‘Фокусирајте се на Азиската Лига на шампиони’. Како е можно официјално лице да каже вакво нешто за време на натпревар? Бараме аудиоснимките да бидат објавени“, изјави бесниот Тони.
Оваа изјава беше протолкувана како директна порака дека Ал Ахли „не треба“ да се меша во борбата за титулата, која според многумина е резервирана за Ал Наср на Кристијано Роналдо. Сепак, во трката сериозно е вклучен и Ал Хилал, кој заостанува само два бода, но има и натпревар повеќе. Галено дополнително го засили револтот со порака дека „некој сака титулата да му ја даде на еден човек“, алудирајќи на Роналдо, додека Тони додаде дека критериумот на судиите „чудно се менува“ во клучните моменти од сезоната.
Остро реагираше и тренерот на Ал Ахли, Матијас Јајсле, кој судењето го оцени како „срамно“. Раководството на клубот веќе поднесе официјален протест до Саудиската фудбалска федерација, барајќи целосна транспарентност и објавување на сите разговори меѓу судиите и ВАР-собата. Интересно, Ал Наср останува единствениот клуб од големата четворка кој досега нема поднесено ниту една жалба.