Анчелоти попушта: Нејмар има два месеца да докаже дека заслужува да игра на СП 2026!

Селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, остави отворена можност Нејмар да се најде на списокот за настап на СП 2026 и покрај тоа што беше изоставен од последниот репрезентативен циклус.

Искусниот стратег нагласи дека напаѓачот, кој во кариерата настапуваше за Барселона и ПСЖ, а сега е дел од Сантос, сè уште има шанса да се избори за место во тимот.

„Нејмар има уште два месеца за да покаже дека има квалитет и дека заслужува да биде дел од тимот за Мундијалот. Тој може да се врати на 100-отсто од својата физичка подготвеност. Разговаравме повеќепати и пораката е јасна – повик ќе добијат само оние кои се целосно подготвени. По повредата на коленото, Нејмар повторно пронајде форма, се врати на теренот и постигнуваше голови. Треба да продолжи во тој ритам и дополнително да ја подобри физичката состојба. Верувам дека е на добар пат“, изјави Анчелоти.

Мундијалот, кој ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, почнува на 11 јуни.