Легенда на Њујорк никс е позитивен на Ковид-19

Поранешниот кошаркар на Њујорк никс и актуелен тренер на Универзитетот Џорџтаун, Патрик Јуинг синоќа објави дека е позитивен на коронавирусот.

Легендарниот центар сакаше сите да дознаат за неговата здравствена состојба, како предупредување дека овој вирус може да го фати секој.

„Сакам да споделам со вас дека сум позитивен на Ковид-19. Овој вирус е сериозен и не треба да се биде сфатен лесно. Сакам да ги охрабрам сите да останат безбедни и да се грижат за себе и своите најблиски. Сега најмногу од било кога, сакам да им се заблагодарам на здравствените работници и сите оние кои се на првите линии. Јас ќе бидам добро и сите заедно ќе го надминеме ова“, вели Јуинг во соопштението.

Тој е изолиран во болница во локална болница и засега се чувствува добро. Нема други членови на Џорџтаун кои се позитивни на Ковид-19. Јуинг има 57 години, а во 2008 година беше промовиран во „Куќата на славните“. Во кариерата играше за Никс од 1985 до 2000 година, а потоа уште по една сезона за Сиетел суперсоникс и Орландо меџик. Од 2002 до 2017 година работеше како асистент тренер во Вашингтон, Хјустон, Орландо и Шарлот, а потоа стана главен тренер на Џорџтаун.