Леброн направи голема драма во Бостон, како мало дете се трескаше од земја (ВИДЕО)

Најголемото дерби во историјата на НБА помеѓу Бостон и ЛА Лејкерс синоќа донесе драматичен меч, кој по едно продолжение заврши со триумф на „келтите“ со 125-121, но ќе остане запаметен по неверојатната драма што ја направи Леброн Џејмс во финишот од регуларниот дел.

Ѕвездата на „езерџиите“ имаше влез кон кошот на домаќинот за победа (105-105), при што беше во дуел со Џејсон Тејтум, по кој сметаше дека бил фаулиран, но судиите останаа неми и средбата продолжи со екстра период. Леброн оправдано сметаше дека бил удрен по рака, но откако не доби фаул за слободни со кои ќе му донесеше победа на својот тим, тој почна да се треска од земја како мало дете.

Потоа циркусот го продолжи и Патрик Беверли, кој зеде фотоапарат од еден од фоторепортерите за да им покаже на судиите дека погрешиле, но наместо променета одлука доби само техничка грешка.

Судијата Ерик Луис по натпреварот призна дека направил грешка и дека Тејтум го фаулирал кошаркарот на Лејкерс. Кога новинарите побараа од него коментир за ситуацијата, тој само рече: „Ја видовте мојата реакција“. Но, потоа одговори на прашањето како да се помират со судиските грешки кои се случуваат во последно време за штета на „езерџиите“.

„Многу е тешко, навистина не разбирам. Го напаѓам кошот како и секој друг играч во лигата кој има двоцифрени слободни фрлања по натпревар, ама мене не ми ги досудуваат. Не го разбирам тоа“, изјави Џејмс.

Џејмс средбата ја заврши со 41 поен и сега е на само 117 поени од моментот кога ќе го мине Карим Абдул-Џабар како најдобар стрелец во историјата на НБА.