„Коњаниците“ го прегазија Далас во првиот меч по збогувањето со Лука Дончиќ (ВИДЕО)
Навивачите на тимот од Тексас, кои сè уште се обидуваат да ги разберат одлуките на раководството, беа сведоци на потполно разочарување во првиот натпревар по заминувањето на словенечкиот суперталент. „Коњаниците“, кои се лидери на Источната конференција, одиграа спектакуларен натпревар, рушејќи неколку рекорди. Со неверојатна прецизност во шутот за три поени (26/45), постигнаа 91 поен во првото полувреме, што е најмногу што Далас некогаш примил во еден дел од натпревар. Покрај тоа, разликата од 45 поени е најголем пораз во историјата на Маверикс против било која екипа.
Историските бројки не застануваат тука. Кливленд стана само четвртиот тим во историјата на НБА што постигнал минимум 91 поен во прво полувреме, приклучувајќи се на Феникс Санс (107 поени во 1990 против Денвер), Голден Стејт Вориорс (92 поени во 2018 против Чикаго) и Хјустон Рокетс (91 поен во 2022 против Бруклин). Освен тоа, Кавалиерс поставија нов рекорд за најмногу тројки во едно полувреме – 16.
Далас настапи ослабен, не само без Дончиќ, туку и без уште тројца стартери, вклучително и Кајри Ирвинг, кој се бори со повреда на рамото. Со само 10 играчи во ростерот, Маверикс не успеаја да бидат рамноправен противник. Кливленд, пак, продолжи со одличната форма и со четвртата победа во низа стана првиот тим во сезоната со 40 победи.
РЕЗУЛТАТИ: Кливленд – Далас 144-101, Торонто – ЛА Клиперс 115-108, Филаделфија – Бостон 110-118, Милвоки – Мемфис 119-132.