
Кари со неверојатни тројки го освои Хјустон, Мајами „изгоре“ во Кливленд (ВИДЕО)
Стеф Кари беше нерешлива енигма за одбраната на домаќините, постигнувајќи 31 поен со импресивна реализација од линијата за три поени (5/9). Иако „ракетите“ се радуваа на враќањето во плејофот за првпат од 2020 година и го освоија второто место на Западот, „воините“ уште во третата четвртина поведоа со убедливи 66-43. Хјустон успеа да ја намали разликата и во последната четвртина да влезе со заостанување од девет поени (60-69), но тоа не беше доволно. Клучните поени за Вориорс ги постигнаа Кари (за 82-75) и Мозес Муди, кој две и пол минути пред крајот погоди тројка за 87-80, иницирајќи серија од 7-0 со која мечот беше решен.
Кари средбата ја заврши со 31 поен (со 6 скока и 3 асистенции), а значаен придонес даде и Џими Батлер со 25 поени, 7 скока, 6 асистенции и 5 украдени топки. Подзиемски додаде 14 поени и 8 скока. Алперен Шенгюн со 26 поени и 9 скока беше најдобар кај домаќинот, додека Дилон Брукс и Џабари Смит постигнаа по 11 поени, а Фред Ванвлит разочара со 10 поени и слаб шут од тројка (2/13). Хјустон погоди само 6 тројки од 29 обиди. Вториот натпревар од серијата се игра во ноќта меѓу среда и четврток (03.30 часот) повторно во Тексас.
Кливленд Кавалирс го искористи домашниот терен и статусот на прв носител на Истокот, совладувајќи го Мајами Хит (121-100) и поведувајќи со 1-0 во четвртфиналната серија. „Жешките“, кои влегоа како десетти по регуларниот дел преку плеј-ин натпреварите, се држеа само првите шест минути од мечот. Последен пат поведоа со 18-16, по што Кливленд целосно ја презеде контролата. Хит се доближија на минус 7 во последната четвртина, но таа како да беше во знакот на Тај Џером, кој постигна 16 од своите вкупно 28 поени токму во последниот период. Шутот му беше одличен – 10/15 од поле, вклучувајќи 5/8 за три поени. Најефикасен беше Донован Мичел со 30 поени, додека Дариус Гарланд додаде 27. Кај Мајами, Бем Адебајо постигна 24 поени, Тајлер Хиро 21, Девион Мичел 18, а Ендру Вигинс 14. Вториот меч од серијата се игра во ноќта меѓу среда и четврток (01.30) повторно во „Рокет Мортгејџ Филдхаус“ арената.
Актуелниот шампион Бостон Селтикс го отвори плејофот на Истокот со лесна победа на домашен терен против Орландо Меџик (103-86). Дерик Вајт беше прв стрелец со 30 поени, додека Џејсон Тејтум забележа дабл-дабл од 17 поени и 14 скока. Пејтон Причард и Џејлен Браун постигнаа 19, односно 16 поени. Кај Орландо се истакнаа само двајца играчи со двоцифрен број поени – Паоло Банкеро со 36 поени и 11 скока, и Франц Вагнер со 23 поени и 5 асистенции. Вториот натпревар се игра во Бостон, во ноќта меѓу среда и четврток.
ФОТО: X / Golden State