
Јокиќ од денеска би можел да заработува по еден буџет на град Скопје - годишно!
Тој од денеска има право да потпише нов „супермакс“ договор со Денвер Нагетс, за којможе да одбере една од двете понуди - нов тригодишен договор ова лето вреден 212 милиони долари или четиригодишен договор наредното лето вреден 293,4 милиони долари. Во втората опција, тој би инкасирал 81 милион долар во последната сезона — што претставува годишен приход еднаков на буџетот на македонската метропола.
И покрај шпекулациите за евентуален замин од Денвер, управата на клубот во изминативе денови ги исполни барањата на Јокиќ и го засили тимот со Брус Браун и Кам Џонсон, а наскоро се очекува и пристигнување на Јонас Валанчиунас. Целта е да се создаде тим способен повторно да се бори за шампионската титула, како во 2023 година кога Јокиќ ги предводеше до историскиот успех.
Србинот веќе има важечки договор уште три сезони, но новиот супермакс би значел потврда на неговиот огромен талент и квалитет. Тој трипати беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на сезоната и е рекордер во НБА по број на трипл-дабл учиноци. Минатата сезона ја заврши со импресивни 29,6 поени, 12,7 скокови и 10,2 асистенции по натпревар.