Јокиќ незадржлив во новата сезона - трет трипл дабл во седмиот натпревар (ВИДЕО)

Поради денешните претседателски избори во САД, синоќа сите екипи во НБА лигата излегоа на терен и се одиграа максимални 15 натпревари.

Од неколкуте блескави индивидуални изданија, за издвојување повторно е Никола Јокиќ кој го предводеше Денвер до четвртата победа, втора против Торонто од почетокот на новата натпреварувачка кампања. И повторно беше тесно и повторно одлучи српскиот ас, за победа на Нагетс од 121-119. Истата разлика беше и минатата неделата во Канада со тоа што тогаш се играше продолжение.

Никола Јокиќ имаше трипл дабл веќе по три четвртини (21 поен, 12 скока и 10 асистенции), но Денвер се мачеше до последните секунди од мечот. Торонто во еден период имаше и 14 поени предност, но ослабените Нагетс кои играа без Џамал Мареј не се предадоа до крајот. Дополнителен проблем беше и повредата на Ерон Гордон кој по еден удар во главата отиде во соблекувална и не се врати на теренот.

Во такви услови Јокиќ мораше да ја преземе одговорноста. Во последната четвртина Торонто водеше и со 11 разлика (109-98), но во драматичниот финиш, гостинските кошаркари не успеаја да реализираат и Денвер со две погодени слободни фрлања дојде до победата. Ар Џеј Берет го имаше последниот обид за тројка, за победа, но беше непрецизен.

Јокиќ го заврши мечот со 28 поени, 14 скока и 13 асистенции за трет трипл дабл во седмиот меч од новата сезона, но сега имаше голема помош од Вестбрук кој реализира 21 поен. Дик го предводеше Торонто со 26 поени, а Пелтл оствари дабл дабл со 24 поени и 11 скока.

РЕЗУЛТАТИ
Кливленд - Милвоки 116-114
Вашингтон - Голден Стејт 112-125
Детроит - ЛА Лејкерс 115-103
Атланта - Бостон 93-123
Бруклин - Мемфис 106-104
Мајами - Сакраменто 110-110
Чикаго - Јута 126-135
Хјустон - Њујорк 109-97
Минесота - Шарлот 114-93
Оклахома - Орландо 102-86
Њу Орлеанс - Портланд 100-118
Далас - Индијана 127-134
Денвер - Торонто 121-119
Феникс - Филаделфија 118-116
ЛА Клиперс - Сан Антонио 113-104