Јокиќ и Денвер и понатаму редат порази, Милвоки прв стигна до плејофот (ВИДЕО)

Кошаркарите на Денвер нагетс како да заборавија да играат добра кошарка, откако ноќеска на гостувањето кај Торонто репторс (110-125) го претрпеа и четвртиот пораз во низа.

Составот предводен од Никола Јокиќ одигра ужасна прва четвртина во која примаше по четири поени во секоја минута, а победникот беше познат уште по првото полувреме (72-56). Реализираните 49 поени во првите 12 минути е клупски рекорд на „репторси“, каде што најзаслужен за триумфот беше Фред Ванвлит со 36 поени и седум асистенции. Србинот, пак, мечот го заврши со 28 поени, осум скока и седум асистенции. И покрај црната низа, Денвер останува убедливо прв на Западот со скор 46-23.

Во Источната конференција, пак, е добиен и првиот официјален учесник во плејофот, а тоа е најдобриот тим во НБА, Милвоки бакс, кој ноќеска како гостин го совлада одличниот Феникс санс (116-104). Јанис Адетокумбо очекувано беше лидер на „елените“ со 36 поени и 11 скока, додека Девин Букер со 30 поени беше најпрецизен кај „сонцата“ за кои поради повреда не играше Кевин Дурент.

Кошаркарите на ЛА Лејкерс дојдоа до важна победа на гостувањето кај Њу Орлеанс пеликанс (123-108), уште една без повредениот Леброн Џејмс, со која останаа во игра за пласман во плејинот.

РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Кливленд 104-120, Вашингтон – Детроит 117-97, Торонто – Денвер 125-110, Оклахома Сити – Бруклин 121-107, Њу Орлеанс – ЛА Лејкерс 108-123, Сан Антонио – Орландо 132-114, Феникс – Милвоки 104-116, Портланд – Њујорк 107-123.