Јанис продолжува со теророт, Богдановиќ го скрши кошот во Њујорк (ВИДЕО)

Кошаркарите на Милвоки бакс дојдоа до седмата победа во последните девет меча во НБА, откако ноќеска на домашен терен го совладаа Сакраменто кингс (126-113) во меч во кој одново блескаше Јанис Адетокумпо.

Грчкиот интернационалец средбата ја заврши со 35 поени, што е негов осми меч во низа на кој ја минува границата од 30 поени, што е второ најдобро остварување во историјата на „елените“. Пред него е само легендарниот Карим Абдул Џабар, кој го држи и апсолутниот рекорд, откако пред 50 години имаше ваков учинок на 16 средби по ред. Адетокумпо сезонава просечно реализира по 32 поени, дополнети со 11,1 скока и 5,6 асистенции. Милвоки, пак, со скор 21-5 во моментов е втор на Истокот, веднаш зад Бостон селтикс.

„Келтите“ лидерската позиција ја зацврстија со синоќешниот триумф на гости кај Феникс санс (125-98). Атланта хокс, пак, загуби убедливо на гостувањето кај Њујорк никс (89-113), а една од причините за тоа беше ужасната шутерска вечер на Богдан Богдановиќ, кој средбата ја заврши со девет поени, но со само три погодени од 16 упатени удари кон противничкиот кош. Србинот беше очаен во обидите за тројка, со оглед што ги промаши сите 10 вакви обиди.

РЕЗУЛТАТИ: Орландо–ЛА Клиперс 116-111 (п), Торонто–ЛА Лејкерс 126-113, Њујорк–Атланта 113-89, Бруклин–Шарлот 122-116, Чикаго–Вашингтон 115-111, Мемфис–Оклахома Сити 123-102, Њу Орлеанс–Детроит 104-98, Милвоки–Сакраменто 126-113, Минесота – Индијана 121-115, Јута–Голден Стејт 124-123.